ОД ТАБОРОТ НА „ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“ ГИ НАЈАВИЈА АМБИЦИИТЕ

ФАНОВИТЕ МОЖАТ ДА ЗДИВНАТ: Ова е само почеток на создавањето на нов шампионски Вардар

Крај на молкот во таборот на Вардар. Утринава стигнаа добри вести за целата јавност, словенечкиот плејмејкер Сташ Скуб е официјализиран, а во најава е создавање на силен тим. 

објавено: 28 јуни 2018 - 12:30

Заминувањето на бројните играчи, особено креаторот на златната генерација на Вардар, Раул Гонзалез, а  потоа и молкот за идните планови на шампионот, кој траеше предолго, сосема очекувано ги загрижи  фановите. Додека се прашувавме како ќе изгледа новиот состав на „црвено-црните“ и постојано шпекулиравме со имиња, утринава стигна добра вест.

Не е само потпишувањето на словенечкиот плејмејкер Сташ Скубе, кој ќе биде замена за Лука Циндриќ, туку и најавата на извршниот директор на Вардар, Давор Стојановски. За официјалната страница на македонскиот шампион потврди дека Вардар ќе биде силен и следната сезона.

„Ова е само почеток на создавањето на нов шампионски тим на Вардар“, вели Давор Стојаноски, кој во продолжение не го криеше своето задоволство со потпишувањето на Словенецот.

„Вардар продолжува да ангажира врвни играчи на позициите за кои смета дека тоа е потребно. Скубе е играч кој веруваме дека ќе донесе нов квалитет во играта на Вардар во иднина. Со своите настапи се докажа како играч за кого во иднина многу ќе се зборува. Задоволни сме што тој одбра својата кариера да ја продолжи во Вардар и заедно да продолжиме по победничките патеки“.

На кормилото на Вардар во новата сезона ќе застане Роберто Гарсија Парондо, кој и натаму е во потрага по својот помошник. Што се однесува до составот, капитенската лента ќе ја носи Стојанче Стоилов, а останаа уште Тимур Дибиров, Игор Карачиќ, Иван Чупиќ, Рожерио Мораес, Данис Кристопанс, Данил Шишкарев, Вања Војводиќ, Вуко Борозан, Мартин Поповски, Страхиња Милиќ и Даниел Ѓорески.

Македонскиот тим утре ќе ги добие противниците во групната фаза од Лигата на шампионите, пред ждрепката се најде во првиот шешир.

 

Најново во Ракомет