ДИЛЕМИ КОИ НЕ МАЧАТ, ВЕТУВАЊА КОИ НИ ВЛЕВААТ НАДЕЖ

Каков ли ќе биде овој Вардар, не знаеме, но едно е сигурно...

Македонскиот првак, Вардар денеска стартува со подготовките за новата сезона, со променет изглед... 

објавено: 24 јули 2018 - 08:30

Марија Ковачева

Тешки сме на промени, ретко убавите, денови исполнети со среќа, гордост...кои Вардар ни ги пружи во изминатите години ни создаваат измешани чувства. Дојде денот кои сите го очекувавме, но не го посакувавме. По четири години на првата прозивка ќе го нема она препознатливо лице - Раул Гонзалез, творецот на златната генерација на „црвено-црните“, денеска во СЦ „Јане Сандански“ ќе нема дури шестмина ракометари, кои беа дел од европскиот шампионски состав.

Вардар почнува од нула, дефинитивно не може да продолжи онаму каде што застана, во мозаикот недостасуваат делови. Македонскиот првак врти нова страница...

Од сега па натаму за „кормилото“ ќе биде задолжен Роберто Гарсија Парондо. Доброто искуство со шпанските стратези не прави отпимисти, ни влева надеж дека Парондо во „ракавот“ има дел од магијата на неговиот претходник Гонзалез. 

Листата на заминати играчи како Лука Циндриќ, Жоан Кањелас, Хорхе Македа, Илија Абутовиќ, Мијајло Марсениќ и едниствениот Арпад Штербик, со право го плаши секој вистински поддржувач на Вардар.

Изминатиот период сите се прашувавме каков ли ќе биде овој Вардар? Одговорот дефинитивно ќе го дознаеме во текот на подготовките, а вистинско мерило за силата ќе биде новата сезона во Лигата на шампионите.

Не дека овој состав е слаб, но ќе повторам, ние Македонците тешки сме на промени, особено кога станува збор за успешни приказни.

„Црвено-црниот“ дрес и натаму ќе го носат, капитенот Стојанче Стоилов, Иван Чупиќ, Игор Карачиќ, Вуко Борозан, Тимур Дибиров, Рожерио Мораес, Данис Кристопанс, Данил Шишкарев, Страхиња Милиќ, а нив ќе им се приклучат повратникот Сергеј Горбок, Сташ Скубе, Дмитри Кисељов, како и голманот Дејан Милосављев.

Воопшто не делува лошо, заедно со најавите на челниците на тимот дека амбициите не се менуваат и во новата сезона Вардар ќе атакува на пласман на фајнл-форот во Келн, ни ја враќаат вербата, како и онаа изјава на Иван Чупиќ по завршувањето на Ф4.

„Почнуваме од почеток. И кога ќе освоиш и кога нема да освоиш почнуваш од нула. Ова ќе го заборавиме, барем ние играчите, ќе се ресетираме. Имаме обврска кон нас самите, кон навивачите и кон овој дрес“.

Деталите, очекувањата и сите планови ќе бидат познати денеска (18 часот) за кога е закажана првата прозивка....

Најново во Ракомет