ПО ЧЕТИРИ ГОДИНИ ИСКУСНИОТ ГОЛМАН Е ВАРДАРОВ „НЕПРИЈАТЕЛ“

НЕМОЈ ШТЕРБИК, НЕМОЈ ДЕНЕСКА: Се молевме да брани, сега го молиме да не брани!

Арпад Штербик, еден од најзаслужните за успесите на Вардар во изминатите години денеска ќе има една поинаква улога. 

објавено: 29 септември 2018 - 08:30

До пред четири месеци се молевме Арпад Штербик да блеска на голот на Вардар. Но, ете дојдоа други времиња. Денеска искусниот голман ќе има една поинаква улога - „непријател“ на македонскиот првак. Тој со неговиот Веспрем ќе го пречека Вардар во рамките на третото коло во Лигата на шампионите, па желбите кога станува збор за Штербик се поинакви, ако се молевме да брани, сега ќе се молиме да нема свој ден.

Ако некој знае како играат и како „дишат" вардарци во шпанскиот систем кој го постави Раул Гонзалез, а сега го надоградува Роберто Парондо, тоа е токму Штербик. Тој и потекнува од истата школа, па добро ги знае нејзините предности и мани.

„Црвено-црните“ имаа две победи во низа, посакуваат и натаму да продолжат во ист ритам, зад себе ги имаат добрите игри против европскиот првак, Монпелје и Кристијанштад. За разлика од нив Веспрем го има поразот од Барселона, па Штербик и Манасков, и нивните соиграчи имаат само една цел - победата да остане дома.

Патот до вториот триумф сезонава го гледаат преку Штербик, само искусниот голман знае како да го подигне тимот. Нема емоции, и двете страни влегуваат како големи професионалци, се познаваат добро, но сите имаат својо џокер. A ако е до Арпад ние ќе му порачаме: Немој Штербик, немој денеска.

Натпреварот меѓу Веспрем и Вардар е закажан со почеток во 17:30 часот.

Најново во Ракомет