СТАРТУВА НОВАТА СЕЗОНА ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Пешевски домаќин на Раул, дерби во Манхајм

Мотор Запорожје го пречекува ПСЖ, Рајн Некар и Барселона ќе ги одмерат силите во дербито на првото коло во елитното натпреварување..

објавено: 12 септември 2018 - 13:30

Денеска и официјално стартува новата сезона во Лигата на шампионите, која ќе биде поинаква, барем за нас Македонците. Креаторот на златната генерација на Вардар, Раул Гонзалез ќе го гледаме на клупата на ПСЖ, а останатите момци, како Арпад Штербик, Лука Цинриќ, Илија Абутовиќ...ќе бидат „непријатели" на „црвено-црните".

Македонскиот првак кој е во групата А, заедно со Келце, Барселона, Рајн Некар, Веспрем, Мешков Брест, Монпелје, Кристијанштад , овој пат од сенка ќе „брка" трет пласман на завршницата во Келн. Токму поради промени во составот, на новиот стратег Роберто Гарсија Парондо и на неговите избраници не им даваат шанса да се најдат на Ф4. Стручњаците на ЕХФ го подготвија најновиот ранкинг, а на него го нема Вардар.

Елитното натпреварување ќе стартува со македонска пресметка. Гонзалез и францускиот тим му гостуваат на Мотор Запорожје и Жарко Пешевски, во првиот меч од групата Б. Шпанскиот стратег не тргна како што посакуваше, ПСЖ втора година по ред не успеа да го освои Супер-купот во Франција. Овој трофеј и не е толку важен за челниците на клубот, како оној од Лигата на шампионите. Па токму затоа Гонзалез ќе има задача да им ја донесе титулата, која со Вардар им ја зеде во финалето пред една година, и тоа во последната секунда со голот на Иван Чупиќ.

Еден час подоцна во Мајнхам се игра дербито во групата А, во која се наоѓа и Вардар. Филип Талески и Рајн Некар ја пречекуваат Барселона. „Лавовите" се едни од најголемите фаворити оваа сезона за титулата. Бундес-лигата ја почнаа фуриозно, па токму затоа се очекува да стават крај на германскиот пост во Келн, каде две години по ред нема претставници од оваа земја. Барселона која пак е најтрофејниот тим во елитното натпреварување по шокантната елиминација минатата година, ќе се обиде да се врати во меѓу четирите најдобри екипи.

ДВОЈКИ 1. КОЛО
ДЕНЕСКА
ГРУПА А
РАЈН НЕКАР - БАРСЕЛОНА 19:00 часот
ГРУПА Б
МОТОР ЗАПОРОЖЈЕ - ПСЖ 18:00 часот
ГРУПА Д
КОКС - ЛЕОН 17:15 часот
ДИНАМО Б. - ЕЛВЕРУМ 18:30 часот

Најново во Ракомет