АКО СЕ ВЕРУВА НА БРОЈКИТЕ ОД ОФИЦИЈАЛНАТА СТРАНИЦА

Ќе биде дерби за мерак: Вардар и Металург ќе играат пред полни трибини

Вардар и Металург вечерва (20:45 часот) во СЦ „Јане Сандански“ ќе ги одмерат силите во рамките на првото коло во СЕХА-лига. 

објавено: 29 август 2018 - 13:30

Ракометната сезона во Македонија може да почне. Први ја отвараат Вардар и Металург, во меч од СЕХА-лигата, кој е закажан со почеток во 20:45 часот, а се игра во СЦ „Јане Сандански“.

Фановите на двата тима како едвај да чекаат одново да се „крене“ завесата, според официјалната страница за продажба на билети „ticketplus.mk“, трибините треба да бидат исполнети, не до последното место, но доволно за едно македонско дерби во регионалното натпреварување. До 13:30 часот во слободна продажба останати се 1.700 билети, кои се продаваат по цена од 50 денари.

По пријателските натпревари во рамките на подготвителниот период, ова ќе биде прв настап на македонскиот првак пред своите фанови. Вардар во новата сезона влегува со многу новитети, но и проблеми. Составот дефинитивно е променет, голем дел од момците од златната генерација ги нема, на кормилото е Роберто Гарсија Парондо, па токму затоа сите сакаат на дело да го видат новиот состав.

Сепак вистинското лице, „црвено-црните“ ќе го покажат нешто подоцна во продолжение на сезоната. Шпанскиот стратег не може да дигне глава од повреди, најсериозна е онаа на капитенот Стојанче Стоилов, кој на терените ќе се врати дури во декември. На списокот се најдоа и Игор Карачиќ, кој полека влегува во ритам, а со лесна повреда се соочува и Рожерио Мораес, кој најверојатно ќе се најде во составот за вечерашниот дуел.

И Металург нема да биде веќе истиот. „Кормилото“ му припадна на Данило Брестовац, кој треба да ја продолжи традицијата која ја наметна Лино Червар, создавање на млади играчи, кои подоцна се очекува да бидат дел од националните тимови.

Двата тима пред стартот на сезоната веќе еднаш ги одмерија силите, во Супер-купот, дуел кој му припадна на Вардар, славеше со 33-24. 

 

Најново во Ракомет